Имав особена чест денеска лично да го запознаам нашиот шампион во карате, прилепското момче Матеј Белистојаноски, кој на Европското првенство во карате за кадети, јуниори и У-21 во Лимасол, Кипар, освои златен медал и стана европски шампион во категоријата У-21 до 67 килограми.
Во силна конкуренција од 1.276 натпреварувачи од 47 држави, со шест борби и шест победи, Матеј покажа извонредна дисциплина, врвен квалитет и вистински шампионски дух – гордост за Прилеп и за Македонија.
Овој голем успех не само што достојно го промовира нашиот град, туку нè обврзува и понатаму силно да ги поддржуваме младите и врвни спортисти кои ја претставуваат нашата заедница на највисоко ниво.
Од срце му посакувам уште многу успеси на следните европски и светски првенства, со верба дека повторно ќе ни се врати со златен медал и нови причини за радост.


