Зад нас се првите 100 дена од мојот мандат како градоначалник на Општина Прилеп, период исполнет со интензивна работа, храбри одлуки и конкретни резултати. На настанот посветен на првите сто дена од нашата локална самоуправа, имав можност лично да ја презентирам сработената работа, реализираните проекти и приоритетите што нè очекуваат во наредниот период. Сето тоа во духот на транспарентност и отчетност, како што им должиме на сите граѓани.

Сто дена можеби изгледаат кратко, но кога секој од нив е исполнет со посветена работа, соочување со предизвици и поставување темели за идниот развој, нивното значење станува големо. Функцијата градоначалник за мене претставува обврска, одговорност и чест. Обврска да се работи чесно и домаќински, одговорност да се носат тешки, понекогаш можеби и непопуларни одлуки, но истовремено и голема чест да служам на градот што сите го сакаме, нашиот Прилеп.

Во овие сто дена направивме сериозни чекори за стабилизација и развој на градот. Донесовме одлуки за стабилен финансиски развој, започнавме и реализиравме инфраструктурни зафати кои веќе го менуваат изгледот и функционалноста на градот. Вложивме во образованието, спортот, културата, животната средина и социјалната поддршка, со цел да имаме еден комплексен и одржлив развој. Со овие активности поставивме темели за долгорочна трансформација на Прилеп во модерен, зелен и економски развиен град.

– Градиме кружен тек кај мостот Табана

– Извршивме реконструкција на тротоарот и ново осветлување на ул. Кеј 1 Мај

– Ги реконструиравме спортските игралишта во нас. Точила

– Правиме реконструкција на дел од плоштадот „Методија Андонов-Ченто“ со партерно уредување

– Се грижиме за почист и позелен град со организирање на еко – акции и чистење на градската река од талог,

– Ја организиравме најубавата Прилепска празнична приказна .

Искрено им се заблагодарувам на сите присутни на настанот, на општинската администрација, на јавните претпријатија и на Владата за континуираната поддршка. Без посветеноста и соработката со сите вас, ништо од ова не би било можно. Вашата доверба и ангажман се двигатели за понатамошна работа и за нови достигнувања.

Сто дена ни покажаа дека кога работиме одговорно и транспарентно, кога поставуваме реални и конкретни цели, можеме да постигнеме видливи резултати. Продолжуваме понатаму, со иста енергија и посветеност, со фокус на младите, на семејствата, на инфраструктурата, на културата и на чиста и здрава животна средина.

Заедно, со доверба и заедничка енергија, ќе изградиме иднина каква што заслужуваат сегашните и идните генерации на Прилеп. Сто дена се само почеток, а пред нас се години на нови инвестиции, проекти и успеси.