Остварив значајна и конструктивна работна средба со министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, заедно со претставници од министерството и државни советници за рударство.
Разговаравме отворено за актуелните состојби и предизвиците во енергетскиот и рударскиот сектор, но и за можностите што ги има нашиот регион. За мене, клучната порака е дека Прилеп мора да биде пример, како искористувањето на минералните суровини може да значи реален локален развој, со јасни правила, одговорност и вистинско партнерство.
Посебен акцент ставивме на потребата од засилена координација меѓу централната и локалната власт. Само со координиран пристап, транспарентност и прецизно дефинирани обврски можеме да обезбедиме резултати што директно ќе бидат во интерес на граѓаните.
Во рамки на посетата се одржа и средба со најистакнатите концесионери од прилепскиот регион, за законската регулатива, исполнувањето на преземените обврски и можностите за нови инвестиции.
Мојот став е јасен, зголемените концесиски активности треба видливо да се одразуваат врз општината: преку нови работни места, инфраструктурни проекти и општествена одговорност. Економски напредок има само кога правилата важат еднакво за сите.
Како дел од договорените чекори, беше најавено отворање канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Поголемо институционално присуство на терен значи подобар надзор, зголемена транспарентност и поголема доверба.
Верувам дека само преку искрена соработка помеѓу локалната самоуправа, ресорното министерство и стопанството можеме да изградиме стабилна деловна средина.
Општина Прилеп останува отворен и конструктивен партнер во сите процеси што значат развој, стабилност и економски напредок за нашиот град и целиот регион.


