Денес присуствував на промотивен настан во Битола, на кој беше презентирана дел од новата опрема за управување со отпад – специјализирани возила, контејнери и канти, која ќе се користи во современиот регионален систем за управување со отпад во Пелагонискиот и Југозападниот регион.
На настанот, на кој присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот Мухамед Хоџа, заменик-министерката за животна средина Ане Лашкоска, како и градоначалниците од двата региони, беше истакната важноста од воспоставување координиран, модерен и ефикасен систем за управување со отпад, усогласен со европските стандарди. Овој процес претставува конкретен и видлив чекор напред во подобрувањето на системот за собирање и транспорт на отпад.
Новата опрема е обезбедена за вкупно 18 општини од Пелагонискиот и Југозападниот регион, во рамки на Регионалниот проект за управување со цврст отпад, кој се спроведува со поддршка на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Неодамна, заедно со градоначалниците од двата региони, го формиравме и Меѓуопштинскиот одбор за управување со отпад, клучен услов за продолжување на проектот за изградба на модерна регионална депонија по европски стандарди.
Новиот регионален модел ќе овозможи поефикасно користење на ресурсите, поквалитетни комунални услуги, намалено загадување и значително подобрување на јавната хигиена, со долгорочни придобивки за здравјето и квалитетот на живот на граѓаните.
Во рамки на воспоставувањето на регионалниот систем ќе се работи на изработка на нов Регионален план за управување со отпад за периодот 2026–2032, финализирање на процесот за формирање регионално комунално претпријатие, административно усогласување и координација на институциите, јакнење на капацитетите на општинските јавни комунални претпријатија, развој на регионалната и локалната инфраструктура, како и интензивна комуникација со јавноста и активно вклучување на граѓаните.
Општина Прилеп останува цврсто посветена на заштитата на животната средина и на градењето одржливи и современи решенија во интерес на сегашните и идните генерации.






