Во храмот „Св. Благовештение“ присуствував на Божествената Литургија по повод празникот на Светите Три Светители – Јован Златоуст, Василиј Велики и Григориј Богослов, меѓу народот познат и како Ден на бакалите. Со литургијата чиноначалствуваше Митрополитот Преспанско-пелагониски и администратор Австралиски и Новозеландски г. Петар, во сослужение со Епископот Хераклејски г. Климент и Епископот Велички г. Никола.
Нашата прилепска чаршија и дуќаните не се само место за трговија, тие се срцето на градот, место каде што се среќаваат луѓето, се споделува зборот и се чува духот на заедништвото. Прилепскиот еснаф со генерации ја гради таа топлина и препознатливост, а традицијата што се негува од 1954 година нè потсетува колку се важни трудот, чесноста и почитта меѓу луѓето.
Ќе продолжиме да бидеме поддршка на сите наши дуќанџии и трговци, со цел да го зачуваме нивниот труд, да го поттикнеме развојот на локалната економија и да изградиме уште посилна врска меѓу традицијата и иднината на Прилеп.
Нека е за многу години!




